Мехмедовиќ: Условите во Еурофарм Пелистер се фантастични, Битола е преубава!

Омер Мехмедовиќ, ги изнесе очекувањата од новата сезона, во која тој како ново засилување сака да даде голем придонес за успешни резултати на Еурофарм Пелистер.

Мехмедовиќ игра на позицијата среден бек и се очекува да биде големо засилување за тимот кој годинава ќе настапува во Европската лига на ЕХФ.

„Ви благодарам за топлото гостопримство. Првите впечатоци се навистина прекрасни. Градот Битола е преубав и многу жив, особено во овој летен период. Условите во клубот се фантастични, работиме добро и се воигруваме со новите играчи.

Го следев Еурофарм Пелистер, тим што играше на најголемата сцена. Навистина сум одушевен што сум тука и очекувам одлично да се вклопам во колективот.

Македонската Суперлига многу напредуваше, мислам дека стигна до нивото да биде најсилно првенство на Балканот. Очекувам да се бориме до крај за сите големи успеси, се надевам дека ќе имаме одлична сезона“, изјави Мехмедовиќ.

Еурофарм Пелистер е во екот на летните подготовки, а Мехмедовиќ е еден од новите ракометари во составот на славниот тренер Лино Червар.