Наковски волеј прв ривал за одбојкарките на Пелистер волеј во новата сезона

Одбојкарките на Пелистер волеј ќе гостуваат во Струмица кај Наковски волеј на 17 октомври на отворањето на сезоната во Првата лига жени. Во првото коло уште се соочуваат и вицешампионот Работнички и Газели волеј, Младост УГД и Јанта Волеј КВ, Вардар ЕМ го пречекува дебитантот Фламинго Волеј, додека Фит Фан Волеј ќе се сретне со Струмица жени. Со оглед на ланскиот пласман, но и засилувањата во екипите во пресрет на новата сезона ќе имаме и тоа како интересно отворање на новото првенство кај дамите.

Натпреварувачкиот систем во Првата лига жени нема да претрпи промени, односно регуларниот дел од сезоната ќе се игра по двокружен бод систем или вкупно 18. кола, а екипите кои ќе се пласираат од првото до осмото место ќе обезбедат пласман во четвртфиналето на плеј-офот. Таму вкрстуваат (1-8, 2-7…) а се игра во два добиени натпревари, каде првиот и евентуално третиот меч се играат на теренот на подобро пласираната екипа. Победниците продолжуваат во полуфиналето, каде одново се игра во два добиени натпревари, додека финалната серија е во три добиени дуели.

Екипата која на деветтото место ќе го заврши настапот во регуларниот дел од сезоната игра бараж натпревар (дома-гости) за опстанок во Првата лига со второ пласираната екипа од Втората лига жени.

Последнопласираниот, десетти тим во првенството го губи прволигашкиот статус и во следната сезона ќе настапува во Втората лига.

Прво коло:
Газели Волеј – Работнички Скопје
Младост УГД – Јанта Волеј КВ
Вардар ЕМ – Фламинго Волеј
Наковски Волеј – Пелистер Волеј
Фит Фан Волеј – Струмица жени