Највозрасниот член на ФК Пелистер го изведе почетниот удар на роденденскиот меч

ФК Пелистер слави три јубилеја – 80 години од постоењето на клубот, 40 години од навивачката група „Чкембари“ и 50 години од „златната“ генерација на клубот која што го направи најголемиот успех и за првпат заигра во Втората југословенска лига.

По тој повод на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола се одигра ревијален натпревар меѓу Пелистер и романскиот фудбалски гигант Динамо Букурешт. Мечот почна со симболичен момент во знак на почит кон највозрасниот член на клубот.

Почетниот удар против романците го изведе Власте Мицевски, 85-годишен битолчанец, кој важи за најстар член на колективот. Публиката го поздрави легендарниот фудбалер, кој остави голема трага во зелено-белиот дрес.