Кошаркарите на Пелистер се вратија на победнички патеки во Супер-лигата откако рутински стигнаа до бодовите на гостувањето во Кавадарци против Тиквеш (76-99). Домаќинот знае да биде незгоден ривал, но „пелистерци“ вечерва одиграа беспрекорен меч, беа импресивни пред се во нападот и јасно покажаа дека ја имаат оставено зад себе мини-кризата по двата порази во низа во претходните две суперлигашки рунди.
Од самиот почеток се играше израмнето на двете страни, а во таборот на Пелистер со неколку успешни реализации се истакна Малешевиќ. Битолачни први се одлепија на „плус пет“ на 12-17, нешто подоцна поведоа со 16-22 и имаа контрола до пред самиот крај на четвртината. Резултатот на една минута до крајот гласеше 24-28, но домаќините со пет поени во низа сепак ја добија четвртината со минимални 29-28.
Вториот период донесе сосема поинаква слика на теренот, Пелистер продолжи со ефикасна игра во нападот, но „зелено-белите“ ја стегнаа и одбраната, умешно вртејќи го резултатот во своја полза. Четвртината почна со две тројки на Андреј Митревски, Брејси Дејвис се надоврза со своја серија, а кога во ритам влезе и Малешевиќ предноста стана и двоцифрена (40-50). Тиквеш ја преполови негативата на 47-52, но Малешевиќ погоди важна тројка со која Пелистер замина на одмор со предност од осум поени (47-55).
Второто полувреме почна со украдена топка и лесно положување на Стајиќ. Пелистер имаше и плус 11, но краткиот пад на концентрацијата им овозможи на домаќините да се вратат, па Даскаловски мораше да побара тајмаут при 60-63. Малешевиќ постигна важни четири поени по тајмаутот, а по новата тројка на Митревски „зелено-белите“ поведоа со 62-70. Одбраната беше на високо ниво, па со серијата украдени топки Пелистер поведе и со 62-78, предност задржана до самиот крај на третата четвртина (66-82).
Тиквеш со две тројки намали на 72-82, но во вистински момент за Пелистер тројка постигна Стајиќ. Прецизен од далечина повторно беше и Митревски, па домашниот тренер побара тајмаут при водство на „пелистерци“ од 72-88. Работите на теренот не се променија, Пелистер продолжи да доминира и на крајот славеше со конечни убедливи 76-99.
Малешевиќ и Брејси-Дејвис беа најефикасни во победничкиот тим со по 26 поени, а одличен придонес во победата имаа и Митревски со 19 и Стајиќ со 14 поени.





