Секуловски: Има механизам за Пелистер да остане во Прва лига

По разочарувачката сезона што заврши со испаѓање од Првата фудбалска лига, во таборот на Пелистер сè уште не се откажуваат од надежта дека клубот може да остане дел од елитното друштво. На денешната прес-конференција, шефот на стручниот штаб Марјан Секуловски порача дека постојат реални можности битолчани и следната сезона да настапуваат во најсилната македонска конкуренција.

„Надежта последна умира. Верувам дека има механизми преку кои Пелистер може да остане во Првата лига. Во една соседна земја, која ќе настапи на Светско првенство, неодамна беше стопирана одлуката за намалување на лигата. Токму затоа сметам дека постои шанса и Пелистер следната сезона да биде дел од ПМФЛ“, изјави Секуловски.

Тренерот упати и извинување до навивачите поради неуспехот да се обезбеди опстанок, но истовремено потсети на резултатите остварени во финишот од сезоната.

„Им се извинувам на сите навивачи што не ги исполнивме целите. Сепак, сметам дека јас сум меѓу оние што најмалку треба да се извинуваат. Во последните два месеци освоивме 18 бодови на девет натпревари, со пет победи, три нерешени исходи и само еден пораз. Ако се гледа тој период, Пелистер би бил второпласиран на табелата, веднаш зад Вардар“, нагласи стратегот на битолскиот клуб.

Новата сезона во Првата луга почнува на 7 август, а во Втората една недела подоцна.