Стојановски: Тиквеш е добра екипа, не се залажуваме со нивниот пораз од Арсими

По седум натпревари без победа битолски Пелистер се надева дека ќе ја прекина серијата и ќе го совлада Тиквеш во вонредното единаесетто коло. Тренерот Милан Стојановски за првпат во натпревар за бодови ќе го води тимот во Битола и не крие дека има големи очекувања.

„Работевме на опоравување по натпреварот со Силекс, екипа која во моментов е поквалитетна од нашата. И покрај послабата игра во Кратово, имавме и шанса да освоиме бод, но и тој бод мора да се заслужи.

Се трудиме да се фокусираме само на мечот со Тиквеш. Знаеме како одиграа минатото коло, но не се залажуваме со поразот што го доживеаја. Имаа водство од 3-1, но веројатно малку се опуштија, па затоа на крајот загубија.

Нашата цел е да одиграме добар натпревар на домашен терен и да се обидеме да победиме. На мечот во Кратово малку му дадовме одмор на Мирко Ивановски, може да се каже дека го чувавме за овој натпревар против Тиквеш. Се надевам на позитивен резултат и излез од кризата, само со сплотеност и храброст можеме да ја оствариме целта“, изјави Стојановски.

Дуелот меѓу Пелистер и Тиквеш ќе го води Доне Ристевски од Гевгелија.

ФОТО: ФК Пелистер