Тане Спасев: Секој натпревар ќе биде од огромна важност за конечниот распоред

Прволигашките тренери ги отвораат картите пред стартот на новата сезона во „МТЕЛ“ Супер лигата, закажан за претстојниот викенд…

Новата кошаркарска сезона во Македонија започнува овој викенд. Возбудата се враќа на терените, а притисокот веќе се чувствува на тренерските клупи. Како поминаа подготовките, каква лига нè очекува и колку е важен првиот чекор?

Пред големиот старт, ги соочивме тренерите од МТЕЛ Супер лигат со три клучни прашања.

* Колку сте задоволни од сработеното во подготвителниот период и дали тимот ја дочекува премиерата на новата натпреварувачка сезона во посакуваната физичка и тактичка форма?

* Со оглед на засилувањата во сите клубови, каква Супер лига лига очекувате оваа сезона и каде ја гледате предноста на вашиот тим во однос на директните ривали?

* Колку е важна победата во премиерното коло од психолошки аспект и каква порака сакате Вашата екипа да испрати до јавноста и навивачите со првиот сезонски настап?

Еве ги нивните очекувања:

ТАНЕ СПАСЕВ (ШЕФ НА СТРУЧЕН ШТАБ НА ПЕЛИСТЕР)

1 .„ Секогаш може подобро и повеќе, но во согласност со временскиот период што го имавме на располагање, би рекол дека сме на солидно ниво и го очекуваме почетокот на првенството во добра атмосфера“.

2. „Лигата ќе биде изедначена и секој натпревар ќе биде од огромна важност за крајниот распоред на табелата. Победа или кош разлика ќе бидат пресудни и може да имат влијание во конечниот распоред на табелата во однос на 2-3 места на подобро или полошо.

Нашата предност би требало да биде одбраната, брзата игра и трансформацијата од одбрана во напад како и шутот за три поени“.

3. „Секој почеток е тежок, дали домашен терен или на гости…ја повикувам битолската публика да дојде во салата во што поголем број и да ја поддржи оваа млада екипа. А ние ќе дадеме се од себе да победиме и да покажеме добра игра со која тие би биле горди и задоволни“.