Алушовски: Го заслуживме овој резултат, покажавме голем квалитет во играта „седум на шест“

Еурофарм Пелистер запиша голем бод на гостувањето кај ГОГ Гудме во Лигата на шампионите. Пелистерци во повеќе наврати имаа негатива од пет гола, но веруваа во себе и во драматичен финиш се изборија за нерешен резултат (28-28).

По натпреварот, тренерот Стевче Алушовски не го криеше задоволството од реакцијата на својот тим, потенцирајќи дека и покрај проблемите во првиот дел, екипата покажала карактер кога било најпотребно.

„Направивме неколку грешки во првото полувреме, но нашата игра значително се подобри по паузата. Особено во играта „седум на шест“ покажавме голем квалитет. Постигнавме многу голови преку цврста и физички силна игра, и генерално верувам дека го заслуживме овој резултат“, изјави македонскиот стратег.

За пелистерци ова беше петти бод, а прв по пауза од четири порази. Во следното коло во Битола доаѓа ПСЖ, додека во последното битолчани ќе патуваат во Барселона.