Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер 2 официјално ги започна подготовките за новата суперлигашка сезона 2026/27 под водство на новиот шеф на стручниот штаб, Бранислав Ангеловски. Екипата од Битола го одржа првиот собир и тренинг со подмладен состав и јасни амбиции за развој на млади играчи.
На работниот ссстанок тренерот Ангеловски рече:
„Едноставната работа може да биде сложена доколку се експериментира. Ќе дадам сè од себе оваа екипа да го даде својот максимум на тренинзите, а со тоа и на натпреварите. Во ситуација сме на спој на младост и искуство, но резултатите не смеат да бидат во втор план. Единствена желба ми е сите играчи да останат здрави во текот на подготовките и сезоната за да го покажеме тоа што го знаеме. Исто така, сакам што повеќе момци од оваа група млади ракометари да заиграат во првиот тим на Еурофарм Пелистер. Моја беше замислата да останеме во Битола, затоа што сакам овие момци да го почувствуваат градот. Веќе закажавме неколку пријателски натпревари, ќе учествуваме на турнирот во Прилеп, а на крајот од подготовките ќе одиграме натпревар против младата репрезентација на Иран во Скопје“.
Искусната улога на капитен и лидер на теренот ќе ја има Стефан Дрогришки. Клубот го освежи тимот со четири нови ракометари за претстојните суперлигашки предизвици.





