Кошаркарите на Пелистер во второто коло стигнаа и до втората убедлива победа во Супер-лига, на премиерата на домашен терен славејќи против Чаир со убедливи 104-74. Гостите од Скопје успеаја да парираат во првото полувреме, но затоа во вториот дел можеше да се проследи доминација на „зелено-белите“ кои го добија овој дел од мечот со 57-26 и на крајот славеа со „плус 30“.
Средбата почна со поени на Малешевиќ, Чаир за момент ја презеде контролата над резултатот, но „пелистерци“ експресно одговорија и преку Дејвис поведоа со 15-10. Стојановски и Дејвис одговорија со нови поени за битолчани, пред Чаир да реализира пред крајот на четвртината и овој период да заврши со 25-20. Битолчани во вториот период во неколку наврати имаа „плус шест“, но полувремето мина во знакот на гостите од Чаир кои дури и на одмор заминаа со убедливи 47-48.
Јасно беше дека Пелистер мора да го крене нивото во одбранната и тоа конечно се случи во третиот период. По резултат 49-50 следеше период од речиси шест минути без примени поени, „зелено-белите“ во овој период направија серија од 13-0 и успеаја резултатски да се одлепат. Третата четвртина заврши со убедливи 77-63 за „пелистерци“, кои продолжија со одлична одбрана и во последните 10 минути во кои гостите постигнаа само 13 поени (27-13) трасирајќи си го патот до убедливата победа.
Малешевиќ беше главна фигура со 23 поени, 8 скокови и 6 асистенции, 15 постигна Митревски, а 13 центарот Ленгстон Вилсон. Следен предизвик за Пелистер е гостувањето во Загреб против Цедевита јуниор на 15 октомври, во првото коло од ФИБА Европа купот.
ФОТО: Гол.мк





