Гарабаја: Покажавме квалитет во оваа луда и напорна седмица

По ремито со Алкалоид и поразот од Вардар, Охрид викендов беше целосно надигран во Битола, па во меч во кој Еурофарм Пелистер целосно доминираше од почеток до крај, актуелниот шампион славеше со 33:27.

Еурофарм Пелистер наметна свое темпо и Охрид цело време бркаше резултат во првиот дел, но отпорот беше целосно скршен во првите десет минути во вториот дел, кога предноста достигна максимални десет.

По победата битолските шеесет минути ги сподели со новинарите тренерот Гарабаја.

„Сакавме да го покажеме нашиот квалитет. Сакавме да покажеме дека мечот со Вардар беше само еден инцидент и успеавме во тоа. Ама мора да бидеме внимателни по овој резултат, затоа што Охрид имаше повредени играчи, останаа и без важен играч заради црвен картон. Исто така и нашиот голман Митревски беше далеку подобар од нивниот. Среќен сум, но мора да бидеме внимателни како што кажав и да имаме во глава дека мечот со Вардар не ни беше многу добар, но и овој со Охрид не беше толку перфектен.

Имаме долга сезона, со многу мечеви. Оваа седмица беше луда со многу тешки мечеви. Календарот е таков каков што е, не можеме да направиме ништо околу тоа, затоа ги користам сите ракометари кои се на располагање и сите ја добиваат својата минутажа. Целам сите да се спремни, за да ги подготвиме мечевите на вистински начин“, рече Рубен Гарабаја за спортскиот портал Gol.mk.

Пелистерци имаат краток период за одмор, бидејќи во вторник патуваат за Полска, каде што в среда ќе играат против Висла Плоцк во четвртото коло на групата Б на Лигата на шампионите.