Димитровски: Олимп гради најсилен тим што клубот некогаш ја имал

Еден од најдобрите македонски атлетски клубови, битолски Олимп, од денес влегува во нова фаза – фаза на сериозни амбиции, национален фокус и јасна цел: да бидеме лидер во македонската атлетика. Со доведување на петнаесет репрезентативни засилувања, Олимп станува центар на македонската атлетика и најорганизиран клуб.

Претседателот на клубот, Никола Димитровски, го претстави проектот кој ќе ја промени иднината на клубот.

„Со трансферите што ќе ги чуете денес, со тренерскиот кадар и со поддршката што ја имаме од градот, Олимп гради најсилен тим што клубот некогаш ја имал. И ова не е само краткорочен потег. Ова е нова историја“, рече Димитровски.

Тренер на новиот бран атлетичари ќе биде Димитар Петровски, битолчанец кој живее и работи во Скопје. Тој објасни како дошло до идејата и реализацијата.

„Од еден дамнешен разговор со претседателот Димитровски, дојдовме до реална можност за реализација на овој проект. АК Олимп денес е најорганизиран клуб во земјата и заслужува да ја има во своите редови скоро комплетната репрезенатција. Тука имаме атлетичари со меѓународно реноме како Поп Арсова, државни шампиони, млади таленти и верувам дека овој тим е комплетен. Ветуваме многу работа и достојно ќе ги браниме боите на овој историски клуб“, рече Петровски.

Сонот за Битола – спортски град веќе е реалност. Градоначалникот Тони Коњановски и претседателот на советот, Бојан Бојковски, дадоа безрезервна поддршка за новиот почеток на АК Олимп.

„Битола отсекогаш знаела да препознае кога нешто е сериозно. Денес гледаме сериозен клуб, сериозна визија и сериозен тим. Сакам јавно да потврдам: проектот за изградба на тартан патека на градскиот стадион е одобрен. Ова не е никаква најава – ова е процес што веќе започнува. Со тоа, Битола не само што ќе го поддржи АК Олимп, туку ќе испрати порака дека сака да биде град на спорт, резултати и млади таленти“, рече градоначалникот Коњановски.

Бојковски вети дека атлетичарите ќе бидат следени, подржувани и мотивирани.

„Како и сите наши спортисти, така и атлетичарите ќе добијат максимална поддршка за развој и постигнување на врвни резултати. Ние ќе знаеме да ги препознаеме нивните постигнувања и значајот на овој проект за градот и младите генерации. Честитки за оствареното и многу успех во иднина“, рече претседателот на советот на Општина Битола.

Овој нов почеток за АК Олимп веројатно ќе ја смени иднината и ќе ја зацврсти Битола како лидер во спортот кој се нарекува – кралица на спортовите.