Пелистер годинава слави 50 години од „златната“ генерација на клубот која што го направи најголемиот успех и за првпат заигра во Втората југословенска лига.
Од таа генерација произлегоа бројни легенди на клубот, а двајца од нив добија посебни признанија на Свечената академија на клубот. На церемонијата во Офицерскиот дом во Битола, некогашните асови на Пелистер, Петар Упалевски и Спасе Ристевски добија награда за кариера.
Упалевски цели 11 сезони го носеше дресот на Пелистер, беше лидер на таа генерација, а поради својот сил на игра беше споредуван со еден од најдобрите југословенски фудбалери – Драган Џајиќ. На неговиот проштален натпревар одигран во Битола специјален гостин беше југословенската фудбалска легенда Владимир Петровиќ – Пижон. По завршувањето на кариерата Упалевски повеќе од една деценија беше тренер во школата и под негова палка произлегоа бројни првотимци на Пелистер и репрезентативци на Македонија.
Ристевски, исто така, беше незаменлив во својата генерација, а потоа изгради солидна тренерска кариера, со неколку освоени трофеи.
На церемонија одликувани со признанија беа луѓе што оставиле голема трага во клубот, меѓу нив и Драганчо Димитровски и Бруно Пресилски.
Бруно Пресилски е стрелецот на историскиот прв гол во независна Македонија. Првиот погодок во ПМФЛ Пресилски го постигна во 5. минута од натпреварот на кој Пелистер убедливо го совлада Рудар (5-0), на 23 август 1992 година, со што стана првиот стрелец на гол во историјата на македонската Прва лига.
Димитровски, пак, е најдобриот стрелец на Пелистер во прволигашкиот шампионат на Македонија. Признанието го прими неговиот син Дарко.





