ЖРК Пелистер минимално поразен во драмата во Штип

Штипски стибо ја запиша првата победа во Женската суперлига оваа сезона, откако славеше со 21-20 против битолски ЖРК Пелистер. Домашните ракометарки имаа комотно водство од седум погодоци, 11-4, во првиот дел, потоа и плус шест на паузата, 14-8.

Сепак дозволија битолчанки на седум минути до крајот да израмнат 20-20, а во финишот полн со грешки на двете страни, подобро се снајдоа домаќинките. Анчева даде гол за 21-20 кога остануваа уште пет минути, двајцата тренери ги искористија своите тајм-аути во финишот, но немаше погодоци.

Голманката Кузмановска го одбрани последниот удар на Пелистер, потоа веќе немаше време за нешто повеќе и бодовите останаа во Штип.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Анчева со осум и Богоевска со пет гола, додека Тодоровска со осум и Шиниковска со шест се истакнаа кај ЖРК Пелистер.