Пелистер продолжува со засилувањата за новата сезона и официјално го претстави младиот напаѓач Костадин Капсаров, кој во Битола пристигнува по одличната сезона во дресот на Брегалница.
Дваесетгодишниот офанзивец беше прв стрелец на штипскиот тим во минатата сезона, постигнувајќи 14 погодоци, со што го привлече вниманието на повеќе клубови. Сепак, својата кариера ќе ја продолжи во зелено-белиот дрес на Пелистер, каде што се очекува да биде едно од главните офанзивни оружја во битката за враќање на клубот во Првата македонска лига.
По потписот на договорот, Капсаров не ја криеше својата возбуда.
„Среќен сум што станав дел од Пелистер. Одлучив да дојдам тука поради одличните услови за работа, добрата средина за напредок и амбициозниот проект на клубот. Доаѓам полн со мотивација и желба да се докажам и верувам дека заедно ќе успееме да го вратиме Пелистер таму каде што припаѓа. Со нетрпение очекувам да заиграм пред битолската публика и ќе дадам сè од себе за да ја оправдам довербата“, изјави новото засилување на битолчани.
Со ангажманот на Капсаров, тренерот Борче Христов добива значајно засилување во нападот, но и фудбалер кој што е под 21 година, што секако е од големо значење за Пелистер за новите правила на млади играчи во ВМФЛ.





