Кошаркарите на Конзули одиграа меѓународен натпревар со грчки Аристотелис

Кошаркарскиот клуб Конзули од Битола беше гостин во грчкиот град Лерин на меѓународен пријателски натпревар против екипата Аристотелис Флоринас. Натпреварот помина во одлична спортска атмосфера, со фер и коректна игра од двете страни. Ова гостување претставува значаен чекор во насока на отворање на клубот кон меѓународна соработка и регионално поврзување.

По подолг период, битолската кошарка повторно прави исчекор надвор од границите, со што се враќа духот на интернационални спортски контакти. Играчите имаа можност да стекнат ново искуство и да се натпреваруваат со квалитетен противник, што е од особена важност за понатамошниот развој на тимот. Ваквите средби се важни не само од спортски аспект, туку и за продлабочување на пријателските врски меѓу двата града.

Клубот изрази благодарност до домаќините од Аристотелис Флоринас за гостопримството и професионалната организација.

Управниот одбор на КК Конзули континуирано работи на враќање на препознатливоста на битолската кошарка и создавање нови можности за меѓународна афирмација. Ова гостување е само почеток на една поширока визија за развој, соработка и враќање на Битола на кошаркарската мапа во регионот. КК Конзули е тим составен од група кошаркарски ентузијасти и се натпреварува доста успешно во третата македонска лига, со големи изгледи да избори пласман во плеј офот. После минатонеделната победа против Винеам од Виница во Битола, овај викенд им следува гостување во Гевгелија, против истоимениот кошаркарски клуб.