Одбојкарките на Младост УГД приредија изненадување во рамките на четвртото коло во Првата одбојкарска лига за жени, откако во натпревар во пет сета се радуваа на гостувањето во „Боро Чурлевски“ против Пелистер Волеј (2-3- (25-22, 22-25, 19-25, 25-20, 12-15). Натпреварот кој имаше хуманитарен предзнак во чест на прерано починатата спортска битолска легенда, Зоран Петковски, понуди одлична одбојка пред околу 1.500 гледачи. Битолскиот состав иако има епитет на дебитант во најсилното женско одбојкарско друштво втор викенд во низа игра натпревар во пет сета, потврдувајќи ги неговите сериозни амбиции.
Роберт Митковски го анализира дуелот во пет сета кој заврши со радост на гостите од Штип.
„Голема благодарност до публиката која денес дојде во голем број во спортската сала „Боро Чурлевски“ и оддаде почит на ликот и делото на Зоран Петковски. Многу сум среќен што овие средства ќе ги донираме на неговото семејство и покажува колку ние спортистите сме хумани во овие тешки моменти.
Со оглед на ситуацијата натпреварот беше одигран во невообичаена атмосфера. Првпат играме пред толку голем број гледачи и тоа ни беше товар. Но, денес мисијата беше повисока од евентуална победа, која секако дека ја посакувавме. Но, ете ни избега во петтиот сет, вторпат играме пет сета и губиме. Не издржавме во петтиот сет, во кој и судиите имаа и свои грешки. Не можам да кажам дека тоа беше пресудни, но во вака тесен натпревар секоја одлука е важна.
Остануваме во колосек, нема за што да се замери, девојките го дадоа максимумот. Во натпреварите кои следат мислам дека ќе покажеме уште повисоко ниво“, вели тренерот на битолчанки.
Следниот викенд Пелоистер волеј ќе гостува кај фаворизираниот Работнички.





