Кошаркарите на Пелистер се подготвуваат за новата сезона и домашните натпреварувања. На официјалната прес-конференција пред стартот на новата сезона освен тренерот Боро Даскаловски се обрати и Андреј Митревски. Тој нагласи дека е добро прифатен од страна на новиот клуб, град и е оптимист за новата сезона. Управата на клубит заврши одлична работа успевајќи да го ангажира Андреј Митревски, кошаркарот кој беше одличен во дресот на македонската репрезентација во изминатите претквалификации.
Митревски не го криеше задоволството од приемот во новата средина, но пред се – од фактот дека ќе има можност како член на Пелистер да игра квалитетни европски натпревари.
„Сакам да се заблагодарам на раководството што ми дадоа шанса да бидам дел од овој тим што ќе настапува на сериозно ниво во европската кошарка. Што се однесува до домашното првенство, знаеме дека битолчани сакаат кошарка, она што недостига е пехар, во последните години беше блиску до тој пехар, секако дека желба ни е да освоиме трофеј за клубот и за верните навивачи. Презадоволен сум и од условите за работа и од приемот во градот, од навивачите, од соиграчите, чувствувам многу позитивна енергија и се надевам дека тоа ќе не краси и во текот на целата сезона“, истакна Андреј Митревски на денешната прес-конференција.
Овој талентиран кошаркар веќе е во кругот на репрезентацијата на Македонија, каде селектор е Марјан Илиевски.





