Ракометарките на ЖРК Пелистер загубија од Астибо во Битола со 27-30, во натпреварот од 10 коло на женската Суперлига. Марија Анчева, која даде 14 гола против поранешниот тим, беше најзаслужна за победата на штипјанки.
Младиот тим на ЖРК Пелистер имаше контрола на резултатот четириесетина минути и предност од 22-18. Сепак, домаќинките прерано почнаа да слават, Астибо за десетина минути направи чудесен пресврт и даде седум гола по ред за 25-22 и се чинеше дека рутински ќе го реши мечот.
Но избраничките на Моника Талевска не се предадоа и израмнија на 27-27 преку Стојчевска. Анчева погоди од тешка ситуација, а потоа Чобанова одбрани пенал на гостинките. Искусната штипјанка уште еднаш реализираше во домашната мрежа за 29-27, битолчанки промашија втор пенал по ред и веќе немаше дилеми околу победникот.
Покрај Анчева, седум гола за Астибо даде Вероника Мутемека, додека Анастасија Тодоровска и Ана Стојчевска стрелаа по седум пати за ЖРК Пелистер.





