Пелистер го доби дербито со Новаци и остана непоразен во Втората лига

Пелистер продолжува да гази во Втората македонска фудбалска лига и по девет одиграни кола останува без пораз. Битолчани славеа на гостувањето кај Новаци со 0-2 (0-2) и заслужено ги освоија трите бода.

Гостите го отворија резултатот уште во 10. минута. Ивановски одлично проигра меѓу двајца противнички фудбалери, а Христов со рутинска завршница со левата нога ја затресе мрежата за водство на Пелистер од 0-1.

Пред самиот крај на првото полувреме, битолчани повторно ја искористија својата шанса. По слободниот удар на Мирчевски, дефанзивецот Гроздановски беше највисок во скокот и со удар со глава зголеми на 0-2, резултат со кој двата тима заминаа на пауза.

Во продолжението, Новаци не успеа да најде начин да се врати во натпреварот, додека Пелистер искусно ја контролираше играта и предноста. На крајот, битолчани рутински ја завршија задачата и продолжија со одличните настапи во шампионатот.