Кошаркарите на Пелистер максимално подготвени ќе го дочекаат денешниот меч во Загреб против Цедевита јуниор (19:00 часот, сала „Дражен Петровиќ“), дуел на кој „зелено-белите“ ќе сторат се за триумфално да ја отворат сезоната во ФИБА Европа купот.
Ова е историска прва сезона во која „пелистерци“ ќе бидат дел од групната фаза на едно ФИБА-натпреварување, а желба на сите во клубот е достојно претставување на македонската кошарка во европски рамки, почнувајќи токму од денешниот дуел во Загреб. Пелистер ја отвори домашната сезона со две убедливи победи над Работнички и Чаир, што уште повеќе ја крева самодовербата пред премиерата во ФИБА Европскиот куп.
„Задоволен сум од она што го прикажуваме на почетокот од оваа сезона. Во тимот владее одлична атмосфера, имаме добра енергија кај сите играчи, домашните и странските кошаркари одлично се вклопија и сето тоа дава оптимизам за уште подобри изданија во наредниот период. Ова сепак е само почеток на сезона, верувам дека ќе растеме како екипа како што ќе одминува времето“, вели Андреј Митревски, македонскиот репрезентативец во редовите на Пелистер.
Според него, двете екипи негуваат слична кошарка, но битолчани ќе мораат да посветат особено внимание на скок-играта под обрачите.
„Се подготвивме за денешниот противник, Цедевита е квалитетна екипа што исто како и нас игра со многу енергија на теренот. Според мене клучно ќе биде да се добие битката под обрачите, ќе треба добро да го заштитиме тој дефанзивен скок, аспект од играта во кој имавме проблем на стартот од сезонава, но кој дефинитивно сме способни да го подобриме.Свесни сме што треба да направиме, секако желба на сите во тимот е да се вратиме во Битола со прва европска победа“, порачува Митревски.





