Кошаркарскиот клуб Пелистер со дуелот против Работнички ќе го означи стартот на новата сезона во Првата лига во која нашиот клуб влегува со истите добро познати амбиции – да се бори за највисок пласман и да се обиде да го донесе толку посакуваниот прв пехар во историјата на кошаркарска Битола.
Истите амбиции „зелено-белите“ ги имаат со години наназад, а по трите загубени финалиња ланската сезона беше разочарувачка на резултатски план и Пелистер беше елиминиран во четвртфиналето токму од Работнички. Сепак, ждрепката сакаше новата сезона да ја почнеме токму против тимот со кој игравме последни во плејофот пред неколку месеци, како одлична можност да биде свртен нов лист и веќе во првото коло да се потврдат високите амбиции.
Летово дојде до промена и на чело на стручниот штаб, каде за нов тренер беше именуван Боро Даскаловски. Искусниот стручњак кој воедно е и Професор по кошарка на Факултетот за Физичко Образование, Спорт и Здравје летово беше дел од стручниот штаб на сениорската репрезентација, а потписот со Пелистер значеше и негово враќање на прволигашката сцена каде последен пат го водеше Кожув пред помалку од две сезони.
Направени се значајни промени и во играчкиот кадар, каде како големо домашно засилување беше ангажиран Андреј Митревски, еден од најдобрите македонски репрезентативци во летниот претквалификациски циклус за Мундобаскет. Покрај Митревски, потпишани беа и петмина странски кошаркари од кои добро познат е Никола Малешевиќ, ас кој одигра две финалиња во дресот на зелено-белите во претходниот период во кој ги бранеше боите на Пелистер, а сега ќе се обиде да стигне и до првиот трофеј со овој клуб.
Покрај Малешевиќ, потпишани беа и четири американски засилувања, Си-Џеј Вилсон, Кевин Брејси Дејвис, Остин Прајс и Ленгстон Вилсон, кои дефинитивно ќе дадат свој придонес за кревање на квалитетот на Пелистер во новата сезона.





