Најракометниот град има причина за ново задоволство. Градоначалникот на Битола и сопственикот на компанијата Еурофарм ставија потпис на договорите, а деталите дополнително ќе ги објават за јавноста. Воочи мечот со ПСЖ фановите на деветкратниот шампион може да бидат среќни и спокојни.
„Ни претставува чест да го официјализираме продолжувањето на договорот за „Пларформата за ракометна Битола“. Акционерите, Општина Битола и компанијата Еурофарм, денес го потпишаа договорот за продолжување на соработката. Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, и претседателот на клубот и на компанијата Еурофарм, Зоран Стерјев во автентичен сегмент во спортската сала „Боро Чурлевски“ ставија потпис на третиот договор во рамките на оваа платформа. Со оглед на тоа што стариот договор е на истек со завршувањето на оваа сезона, акционерите обезбедија сигурна иднина, стабилен буџет и компетитивен тим“, се вели во соопштението на клубот.
Претставниците на акционерите изразија задоволство од овој договор и испратија пораки на победи и титули на армијата навивачи на Еурофарм Пелистер.





