Кошаркарите на Пелистер максимално фокусирани и мотивирани влегуваат во наредниот меч од Супер-лигата, во кој утревечер (19 часот, сала „Градски Парк“) ќе му гостуваат на вицешампионот ТФТ.
Фактот дека ТФТ е ривал што славеше во Битола во првиот дел од сезонава е само мотив плус, па откако „пелистерци“ се одмаздија на Куманово (за куп-поразот) и на Гостивар (за поразот во првенството), сега ќе се обидат истото да го сторат и против тимот од скопски Тафталиџе.
Многу работи во играта на Пелистер зависат од Бобан Стајиќ, искусниот плејмејкер кој е свесен за тежината на предизвикот, но и верува во добра игра на „зелено-белите“ на овој дерби дуел.
„Пред нас е тешко гостување во скопје, ТФТ ја има фаворитката улога бидејќи игра одлично во ткот на целата сезона. Наша предност сигурно е во тоа што влегуваме посвежи и поодморени во овој натпревар. Клучно ќе биде да го наметнеме нашето темпо на игра и да го лимитираме бројот на загубени топки, бидејќи транзицијата е најсилното оружје на ТФТ. Верувам дека можеме до победа, но за тоа да се случи треба да одиграме квалитетна и цврста одбрана и да имаме добра реализација во нападот“, истакна Стајиќ.
Без разлика на исходот на овој дуел ТФТ Скопје веројатно во следната фаза ќе влзе од второто, а Пелистер од третото место.





