Последниот домашен натпревар на Пелистер оваа сезона во Првата фудбалска лига е утрешниот против Македонија Ѓорче Петров. Битолчани сакаат продолжување на позитивната серија, а против себе имаат незгоден ривал, воден од поранешниот фудбалер на битолскиот клуб, Боби Божиновски.
Тренерот на Пелистер, Милан Стојановски, верува во позитивниот тренд на екипата.
„Ми се допаѓа како изгледавме на последните мечеви. Го победивме Шкупи на многу тежок и мокар терен во Струга, но играчите одлично ги завршија задачите. Ни требаше малку време да се запознаеме и да се адаптираме на новите замисли, но сега мислам дека можеме да растеме како екипа.
Имаме одредени новини во тимот, видовме дека Петковски и Керим одлично соработуваат, па затоа мислам дека не треба да го менуваме тоа што добро функционира. Сакам да видам жар кај моите играчи, за да можеме да го вратиме Пелистер таму каде што припаѓа. Имавме поддршка на минатите натпревари, ги повикувам навивачите да дојдат и овој пат да бидат нашиот дванаесетти играч. Нема да биде лесно против Македонија ЃП, но ние ќе го дадеме нашиот максимум за нова победа“, рече Стојановски.
Дуелот меѓу Пелистер и Македонија Ѓорче Петров ќе го води Фатмир Бафто од Охрид.





