Тренерот на битолски Пелистер, Милан Стојановски, изрази задоволство од ремито против силната Струга Трим Лум (1-1) во натпреварот од 19. коло во ПМФЛ.
Српскиот стратег со македонски корени смета дека неговите избраници одиграле коректен меч и ги пофали за пристапот против еден од најдобрите тимови во лигата.
„Мислам дека ова беше еден вистински прволигашки меч. Одигравме добро против една од најсилните екипи во Македонија. Струга е навистина одличен колектив, затоа упатувам пофалби и за моите играчи.
Успеавме да се кренеме после несреќниот пораз од Башкими во минатото коло и покажавме дека можеме да играме со најдобрите. Се вративме со добар пристап после првото полувреме, по кое губевме со 0-1 и извлековме бод пред нашата публика.
Не би рекол дека испуштивме победа, затоа што и Струга имаше свои шанси за евентуално освојување на трите бода. Ремито, според мене, е најреален исход од овој дуел. Ќе продолжиме и натаму да играме офанзивно, мора да се бориме до крајот, зашто секој бод е многу важен за нас.
Играчите ја сфатија мојата фудбалска филозофија, ќе играме напаѓачки и се надевам дека тоа ќе вроди со плод и на следните две тешки средби против Шкендија и Силекс“, изјави Стојановски.
Пелистер сега има 20 бодови на првенствената табела и ја продолжува грчевитата битка за опстанок во елитното македонско фудбалско друштво.





