Стојановски: Се наоѓаме во мала криза, но дојдовме да ги поправиме работите

По неколку турбулентни недели и лошиот старт на сезоната, раководството на ФК Пелистер конечно го реши прашањето на тренерската позиција. Нов шеф на стручниот штаб на битолскиот прволигаш е Милан Стојаноски, поранешен македонски репрезентативец и легенда на белградски Партизан.

52-годишниот стратег доаѓа на местото на Димитар Капинковски и ќе има тешка задача да го врати тимот на победничките патеки и да обезбеди опстанок во елитата.

„Драго ми е што се вратив во македонскиот фудбал. Сакам да ги поздравам сите навивачи на Пелистер. Клубот се наоѓа во мала играчка и резултатска криза, но тука сме тоа да го поправиме и се надевам дека сè ќе биде во ред. Имаме репрезентативна пауза, се надевам дека следната недела добро ќе работиме и ќе ги поправиме и играта и резултатот. Сакам уште еднаш да ги поздравам љубителите на фудбалот во Битола, посебно нашите навивачи, кои верувам ќе бидат наш дванаесетти играч“, рече Стојановски.

Стојаноски ја започна својата тренерска кариера во 2011 година, водејќи неколку клубови во пониските српски лиги, како Раднички Пирот, Локомотива Белград и ИМТ. Ангажманот во Пелистер ќе биде негов најголем тренерски предизвик досега и враќање во македонскиот фудбал по речиси две децении.