Татар: Навивачите тука живеат за ракометот, ние треба да живееме за нив!

Еурофарм Пелистер во Малик Татар доби сериозно засилување за новата сезона. Најдобриот стрелец во словенечкото првенство со нетрпение го очекува своето деби пред битолската публика и првите натпревари во зелено-белиот дрес.

Словенечкиот ас е задоволен од првите денови во новата средина и вели дека добро знае што значи ракометот за Битола и какви се очекувањата од ракометарите на Еурофарм Пелистер.

„Атмосферата е супер, сите имаме иста цел. Знаеме дека во Битола се живее за ракометот и затоа ние треба да живееме за нив. Како што Лино кажува, така и јас – не сакам да губам. Сакам да се борам и да дадам сè од себе.

Тука во Битола, тоа што ќе им го дадеш на навивачите, тоа и ќе ти го вратат. Од година во година македонската лига е сè посилна и сè повеќе се вложува во ракометот. Ќе биде тешко, но мислам дека можеме да ги оствариме нашите цели“, рече Татар.

Пелистерци веќе се во тренажен процес, а главниот дел од подготовките ќе ги одработат во Словенија, каде што ќе одиграат неколку пријателски натпревари.