Фудбалскиот клуб Пелистер официјално ја промовираше новата колекција дресови за сезоната 2026/27, која е инспирирана од препознатливиот изглед од сезоната 1998/99.
Битолчани се одлучија за ретро стил, враќајќи дел од традицијата и историјата на клубот, во период кога Пелистер настапуваше во сличен дизајн кој и денес буди носталгија кај навивачите. Посебен детаљ на новите дресови е пораката „Птицо моја“ на задниот дел од вратот – химна која симболизира слобода, верност и борба, но и длабоката поврзаност на клубот со навивачката група „Чкембари“, градот Битола и легендарниот навивач Кенан.
Од клубот најавија дека новата колекција ќе биде достапна за навивачите со отворањето на Фан Шопот, кој веќе е во завршна фаза.





