Червар: Паднавме без „испукан куршум“, Шпанците се подобар тим од нас

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Лино Червар, не го криеше разочарувањето по поразот од шпанска Ла Риоха во првото коло од Европската лига на ЕХФ. Искусниот стратег оцени дека неговиот тим одиграл далеку под очекувањата и заслужено останал без бодови пред домашната публика во Битола.

Червар истакна дека шпанскиот состав бил подобар во сите сегменти од играта и дека Пелистер не успеал да одговори на предизвикот.

„Шпанците беа подобра екипа од нас. Станува збор за школуван и добро воигран тим, додека ние едноставно разочаравме. Искрено ми е жал поради тоа. Изненаден сум што паднавме без испукан куршум. Одбраната ни беше слаба, примавме лесни голови и немавме решение за нивната игра“, изјави Червар.

Хрватскиот тренер посочи дека дел од носителите на играта не го дале очекуваниот придонес, што негативно се одразило врз целиот тим.

„Можеби играчите од кои очекувавме повеќе не го дадоа потребниот придонес. Би искористил една изрека – едно расипано јаболко може да ја уништи целата гајба јаболка. Таа несигурност се пренесе на целиот тим кога оние што требаше да ја преземат одговорноста не го направија тоа. Бевме исплашени и неконцентрирани“, нагласи стратегот.

Посебно внимание Червар посвети на голманот на Ла Риоха, Хоан Ледо, кој натпреварот го заврши со 20 одбрани.

„Го разбранивме нивниот голман. Дваесет одбрани во ракометот се навистина многу и тоа доволно говори за нашата реализација. Жал ми е за луѓето и за публиката. Да имаш таква поддршка од трибините, а да одиграш ваков натпревар, навистина е тажно“, рече Червар.

Овој резултат никако не му оди во прилог на Еурофарм Пелистер, посебно што во првата рунда Гдањск направи исто така изненадување и триумфира кај Гумерсбах. Во следното коло на Европската лига кое се игра на 6 октомври, Еурофарм Пелистер гостува кај Гдањск во Полска.