Македонски џудо мајстор доби големо признание во земјата на боречките вештини. Мајсторски појас 10 дан во џиу-џицу е признание кое малкумина го добиле на овие простори и во Европа. Македонскиот мајстор Ѓуро Илиќ ја заслужи оваа голема почит и доби признание од Јапонската будо федерација.

„Будо центарот Пелистер е единствен претставник во Јапонската будо меѓународна федерација што е голема чест и одговорност. На третиот светски семинар кој се одржа во Танабе, Јапонија бев промовиран во носител на црвен појас. Бев поканет лично да присуствувам и да предавам и го добив највисокото звање. Овој појас е чест и задоволство, но и обврска и во иднана да продолжам и да се посветам уште повеќе, максимално, во границите на моите можности за промоција и афирмација на вештините кои ги работам повеќе од педесет години.
Во сите овие децении работа не беше главна цел појасот, туку на прво место беше работата, тренинзите, семинарите, предавањата…“, рече Ѓуро Илиќ.
Покрај овој најнов успех во неговата кариера долга повеќе од 50 години, Ѓуро Илиќ е основач на Будо-центарот во Битола и ги поседува скоро сите високи мајсторски звања во неколку боречки вештини.





