Искусниот Благоја Спиркоски е најновото засилување за второлигашот Пелистер. Како што објавија од клубот, 30-годишниот дефанзивен играч за врска ќе биде ново име во составот на тренерот Борче Христов.
„Среќен сум што повторно, по пет години, се враќам во Битола. Овојпат ме очекува нов предизвик во Втората лига, но добро ја познавам фудбалската средина, клубот и навивачите и знам што се очекува од мене.
Сакам да му се заблагодарам на стручниот штаб и на управата за укажаната доверба. Ќе дадам повеќе од својот максимум за да ја оправдам и со својата работа да придонесам за успехот на тимот. Верувам дека со моите соиграчи, со заедничка работа и со поддршката од нашата верна публика, која секогаш е со клубот, ќе успееме да го вратиме Пелистер таму каде што му е местото“, рече Спиркоски.
Прилепчанецот минатата сезона ја заврши во екипата на Охрид, откако во првиот дел од сезоната го носеше дресот на Кожуф. Во дресот на Пелистер беше во сезоната 2020/21.





