Битолски Пелистер конечно се израдува на првиот триумф пред почетокот на новата сезона во Втората македонска фудбалска лига.
„Зелено-белите“ славеа со минимални 0-1 на гостувањето кај Шкендија Арачиново, реванширајќи ѝ се на екипата која во мај годинава ги елиминираше во баражот за опстанок во Првата лига.
Одлучувачкиот момент на натпреварот се случи во 59. минута, кога искусниот стопер Кире Ристевски најдобро се снајде и го постигна единствениот погодок вреден победа за битолчани. Тренерот на Пелистер Борче Христов од првата минута му укажа доверба на најновото засилување Костадин Капсаров, кој го имаше своето деби во зелено-белиот дрес.





