Иван Сапунџиев, изјави дека младата екипа на Пелистер ќе има голем глад за докажување на домашната сцена.
Повратникот во Битола смета дека тимот има нова енергија и очекува голема борба на теренот, на сите натпревари во домашната Суперлига.
„Имаме прилично помлада екипа од досегашните. Верувам дека ќе биде „погладна“ за докажување. Сигурен сум дека сите играчи се спремни да остават печат во македонската кошарка.
Мислам дека ни следи изедначена сезона. Домашниот терен е клучен во скоро сите натпревари. Секое изненадување на гостински терен, без разлика дали сме ние или некои други екипи, ќе биде голем плус“, смета Сапунџиев.
Сапунџиев се врати во добропозната средина. Настапуваше за Пелистер во периодот меѓу 2022 и 2024 година, а минатата сезона ја мина во дресот на Гостивар.





