Кошаркарот на Пелистер, Благој Димитриев, со оптимизам гледа кон новата сезона и верува дека битолскиот состав има потенцијал да оствари добри резултати и покрај бројните промени во клубот.
Пелистер во новата натпреварувачка година влегува со нов стручен штаб, нова управа и значително изменет ростер, а Димитриев истакнува дека уште од стартот на подготовките бил задоволен од начинот на работа и комуникацијата во тимот.
„Ова е нова екипа, нов стручен штаб и нова управа. Од почетокот на подготовките ми се допадна начинот на кој нашиот тренер разговараше со нас. Ни кажа кој што треба да работи и кои се обврските на секој поединец. Сега останува на нас со целосен фокус и добра работа да се оддолжиме на довербата“, изјави Димитриев.
Тој нагласи дека конкуренцијата во македонската кошарка од сезона во сезона е сè поголема, бидејќи клубовите вложуваат сериозни напори да ангажираат квалитетни домашни и странски засилувања.
„Во последно време сите екипи се обидуваат да соберат што е можно подобри домашни и странски кошаркари. Наше е да се бориме и да го извадиме максимумот од оваа екипа. Верувам дека со напорна работа ќе бидеме подготвени за предизвиците што нè очекуваат“, додаде кошаркарот на Пелистер.
Битолчани ги продолжуваат подготовките за новата сезона, во која ќе се обидат да бидат конкурентни во борбата за што е можно повисок пласман во домашното првенство.





