Од 13 до 17 октомври 2026 година, Бачка Топола ќе биде домаќин на голем европски кугларски собир, на кој ќе настапат вицешампионите од националните првенства во сезоната 2025/26 од повеќе европски држави. Меѓу учесниците ќе биде и кугларскиот клуб Пелистер 1982 од Битола, кој ќе има чест да ја претставува Битола и Македонија на оваа меѓународна сцена.
За битолскиот клуб настапот во Бачка Топола претставува многу повеќе од обично натпреварување. Од Пелистер 1982 велат дека со голема гордост и одговорност ќе ги бранат клупските и националните бои, со желба да се надигруваат со најдобрите европски куглари.
„За нас ова не е само натпреварување, ова е чест, гордост и огромна одговорност да ги браниме боите на Битола и Македонија и да застанеме рамо до рамо со големите европски мајстори на куглањето“, порачаа од битолскиот клуб.
Пелистер 1982 со учеството на европската сцена уште еднаш го потврдува квалитетот и традицијата на битолското куглање, а престојниот турнир ќе биде нова можност клубот да се претстави во најдобро светло пред европската кугларска јавност.





