Македонскиот прволигаш Тиквеш без поголеми проблеми го мина првото коло од Купот над Македонија, откако со убедливи 13-0 славеше над нисколигашот од Битола, Крошу Спорт.
Кавадарчани беа огромни фаворити на натпреварот против аматерскиот клуб, а тоа го потврдија уште во првото полувреме, постигнувајќи пет гола во противничката мрежа. Резултатот го отвори Елмас во петтата минута, а потоа стрелаа Лавал, Ацковски, одново Лавал и Сила.
Во вториот дел Крошу дополнително попушти и прими уште осум гола. Висдом зголеми на 6-0, а во 54 минута Лавал го комплетираше хет-трикот. Нов гол постигна Ацковски, а потоа трипати во низа погоди Лукман. Последните два гола за Тиквеш ги постигнаа Спасов и Висдом.
Така, кавадарчани лесно го минаа првиот филтер во Купот и се пласираа во осминафиналето, каде што место обезбедија уште Струга, Арсими, Беласица, Пелистер, Новаци, Шкендија Арачиново, Брегалница, Саса, Македонија ЃП, Брера, Башкими и Вардар. Последниот натпревар од првата фаза се игра на 14 овој месец, меѓу Работнички и Вардар Неготино.





