(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
1977 – ПРВ ПАТ – БОРАЧ НА ТРОНОТ
За прв пат откако во 1964 година се воспостави манифестацијата Избор на десетте најдобри спортисти во Битола, на првото место на ранг-листата се најде борачот Томе Таневски. Тоа беше потврда дека борењето, по неколкугодишните активности, на површина исфрли свои членови кои го привлекоа вниманието на пошироката јавност.
Изборот на десетте најдобри спортисти за 1977 година се одржа во присуство на општествени, јавни и спортски работници, како и на активни спортисти во просториите на СОФК-а. Вака беше веќе неколку години што значи дека времето на помпезното прогласување на спортистите богати со културно-уметнички приредби и скапи естрадни ѕвезди помина. Изборот и годинава се одржа при крајот на декември. Се вреднуваа резултатите остварени во тековната, а не, како што повеќепати беше случај, во претходната година. Сега веќе почна во практика да се реализира идејата, освен спортисти, да се прогласуваат и најуспешни екипи.
За спортист на Битола за 1977 г. беше избран борачот на БК „Пелистер”, Томе Таневски. Неговите постигања во оваа година беа видливи. Овој млад борач во категоријата до 56 кг е член на младинската државна репрезентација во слободен стил. На меѓународниот турнир во Будимпешта-Унгарија, на кој учествуваа повеќе познати борачи од Европа, Томе Таневски се пласира на мошне доброто 4-то место.
Второто место ѝ припадна на ученичката Соња Велјановска, која од своите најмали години другарува со скиите. Во текот на 1977 г. беше прва на повеќе републички првенства во слалом и велеслалом. Забележа одлични резултати и на тримечот на терените на Жабљак.
Јунак од асфалтните патишта е Ице Ристевски, велосипедист којшто во оваа година доминираше во неколку трки. Учествуваше на сите велосипедски манифестации одржани во Македонија. Нему му припадна третото место.
На 4-то место се најде Демир Даутовски, атлетичар на „Олимпија”, којшто во минатата година беше прогласен за спортист на Битола. Даутовски и оваа година е републички првак на 5 илјади метри.
Петтото место го зазеде фудбалерот на Пелистер, Пепи Упалевски, кој веќе неколку години со ред е на ранг-листата на најдобрите. Упалевски и оваа година ја одигра во одлична форма.
Адриана Димиќ, се пласира на шестото место. Таа е млада пливачка од која допрва треба да се очекуваат резултати, но и постигањата во 1977 г. беа доволни да се најде на листата на најдобрите.
Седмото и осмото место го поделија боксерите Диме Ѓеорѓиевски и Илија Белџигеровски. И двајцата, иако се уште млади, значеа многу за битолскиот бокс. Познати беа како бескомпромисни борци на рингот.
Слободан Бачевски, синоним на фер плајот на теренот, инаку, ракометар на „Пелагонија”, се најде на деветтото место, а десеттото му припадна на пингпонгарот Благоја Бошевски.
За најдобри екипи беа прогласени: ФК „Транскоп”, Стрелачката дружина „Графичар” и Спортското друштво на ОУ „Добрушево”.
Ранг-листа на најдобрите спортисти за 1977 г.
- Томе Таневски – борење
- Соња Велјановска – скијање
- Ице Ристевски – велосипедизам
- Демир Даутовски – атлетика
- Пепи Упалевски – фудбал
- Адриана Димиќ – пливање
- Диме Ѓеорѓиевски – Илија Белџигеровски – бокс
- Слободан Бачевски – ракомет
- Благоја Бошевски – пинг-понг







