Љупчо Спировски – скијање – најдобар меѓу најдобрите во Битола за 1978 година

(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)


1978 – СПИРОВСКИ – КОНЕЧНО НА ВРВОТ

Наместо на крајот на 1978 година, изборот на најдобрите спортисти за оваа година се одржа во средината на јануари 1979 година. На крајот од оваа година се одржа уште еден избор. За спортист на 1978 година беше избран скијачот Љупчо Спировски, кој повеќе пати беше меѓу најуспешните.

Изборот на спортистите на годината се одржуваше во најразлични места. Во просториите на КУД „Стив Наумов”, во салата на киното „Партизан”, во просториите на СОФК-а, кои години со ред, порано, беа над „Путник”, на Широк Сокак, просториите на Собранието и во повеќе угостителски објекти во градот. Во почетокот на 1979 година, Изборот на најуспешните за претходната година се одржа во малата сала на Општинското собрание. Покрај спортистите, признанија, и овојпат, им беа врачени и на екипи и поединци.

На почетокот од манифестацијата претседателот на ССРН (Социјалистичкиот сојуз Битола), Силјан Захариевски, му врачи спомен-плакета на претседателот на СОФК-а, Александар Трајковски, за повеќегодишна активност во стрелачкиот спорт и Сојузот на организациите за физичка култура.

Новина, овојпат, беше и тоа што за прв пат комисијата за избор на спортистите пред себе ги имаше и предлозите на клубовите, практика што се спроведува и денес.

Љупчо Спировски од ПСД „Пелистер” беше избран за спортист на годината и тоа за прв пат, иако во изминатите години постојано беше во трка за титулата. Но, тогаш, кога тој најмногу доминираше на снежните патеки, во зенитот на славата беше атлетичарката Вера Велјановска, која на повеќе наврати за малку „бегаше” пред Спировски.

Љупчо Спировски беше еден од најдобрите скијачи во Македонија во 1978 година. Во оваа година беше член и на југословенската „Б” репрезентација. Резултатите, остварувани во текот на целата година, сосема заслужено го донесоа на првото место на ранг-листата на најуспешните спортисти на Битола.

Второто место го зазеде атлетичарот Стевче Ѓеорѓиевски за кого допрва ќе се слуша и зборува во наредните неколку години. Стевче тргна по стапките на Вера Велјановска, никогаш не ја засени, но обезбеди свое место во историјата на битолската и македонската атлетика. Ѓеорѓиевски во 1978 година го освои првото место на сојузниот крос во Љубљана и тоа во конкуренција на 70 познати атлетичари од цела Југославија. Прво место освои и на ТВ-кросот во Скопје. Најдобар резултат оствари и на кросот во Пазин и така стана член на младинската репрезентација на Југославија.

На листата на најдобрите во 1978 г., за прв пат се појави и талентираниот борач Златко Пецаковски (трето место) за кого ќе бидат врзани сите успеси на неговиот клуб „Пелистер”. Во својата категорија, речиси немаше противник. Беше член на младинската репрезентација, а на Балканијадата го освои 4-то место.

Љупчо Спировски полека им отстапуваше место на помладите скијачи. Никола Гемтовски веќе му беше на петици, а тука беше и Наум Симјановски кој ги бранеше боите на ПСД „Ѓорѓи Наумов”. Симјановски се искачи на 4-то место, а веќе на следниот избор ќе биде прв. По остварените резултати во текот на 1978 г. стана член и на младинската „Б” репрезентација на Југославија.

Велосипедистот Ристо Настевски го освои петтото место. Доминираше на сите првенства низ Македонија во лесни велосипеди.

Членот на ФК „Пелистер” Томе Димитровски, по стандардно добрите игри на сите натпревари, во 1978 година се пласира на шестото место.

Седми беше ракометарот на „Пелистер”, Абдула Јусуфовски. Јусуфовски во оваа година беше еден од најдобрите битолски ракометари.

Осмото место ѝ припадна на Нада Сарафовска, стандардна ракометарка на „Пелистер”.

На ранг-листата на најуспешните (деветто место) се појави и стрелецот Никола Натев. Во наредните години, со оглед на резултатите што ги постигнуваше на најразлични нивоа во стрелачкиот спорт, постојано ќе биде меѓу најдобрите битолски спортисти, како и уште неколкумина други за кои ќе стане збор на наредните страници.

Десетти беше џудистот Илко Димовски. Беше претставник на една генерација и на спортска гранка која полека ги освојуваше симпатиите на спортска Битола.

За најдобра екипа за 1978 година беше прогласена пинг-понгарската екипа на „Пелистер”. Втора беше екипата на ФК „Пелистер”, а третото место му припадна на ПСД „Пелистер”.

За остварување на видни резултати во негувањето на масовноста во спортот признанија им беа доделени и на Општинскиот фудбалски сојуз, Стрелачкиот сојуз и Кошаркарскиот сојуз. Признание за успешната соработка со спортските асоцијации доби и Секретаријатот за внатрешни работи – Битола.

Признанија, исто така, им беа доделени на Општинскиот одбор на Работничките спортски игри, Општинскиот одбор на инвалидите, фудбалската екипа на Медицинскиот центар и фудбалската екипа на „Нова трговија”.

Манифестацијата протече скромно, но за прв пат беа доделени толку многу награди и признанија.

Ранг-листа на најдобрите за 1978 г.

  1. Љупчо Спировски – скијање
  2. Стевче Ѓеорѓиевски – атлетика
  3. Златко Пецаковски – борење
  4. Наум Симјановски – скијање
  5. Ристо Настевски – велосипедизам
  6. Томе Димитровски – фудбал
  7. Абдула Јусуфовски – ракомет
  8. Нада Сарафовска – ракомет
  9. Никола Натев – стрелаштво
  10. Илко Димовски – Џудо