(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
2001 – НАЈБРЗ – ГОРАН ПАНОВСКИ
За спортист на Битола за 2001 г. е избран Горан Пановски, а најуспешни беа екипите на ФК „Пелистер”, РК „Пелистер” и Аероклубот „Мирко Тодоровски”.
Пригодната свеченост по повод Изборот на десетте најдобри спортисти и трите најуспешни екипи, во организација на Сојузот на спортови, при крајот на декември, пак се одржа во ресторанот „Белведере”.
Ранг-листа на најдобрите спортисти на Битола за 2001 г.
- Горан Пановски ( мотоциклизам)
- Кире Поповски (ракомет)
- Елена Сивакова ( гимнастика)
- Златко Димитровски (ракомет)
- Весна Ацковска (ракомет)
- Енис Даутовски (атлетика)
- Јасмина Кочовска ( кошарка)
- Оливер Огненовски (стрелаштво)
- Бранко Поповски (едриличарство)
- Горан Велјановски ( кошарка)
За спортист на Битола за 2001 г. е прогласен мотоциклистот на,,Бит-крос”, Горан Пановски. Ова високо признание го доби за успесите што ги оствари на државните и балканските првенства.
На второто место се најде ракометарот на „Пелистер” и капитен на екипата, Кире Поповски. Со своите игри е еден од најзаслужните за успесите на „Пелистер” при освојувањето на првото место, есенската титула и пласманот во четвртфиналето на Челинџ -купот.
Младата и надежана гимнастичарка Елена Сивакова се пласира на третото место и е една од најдобрите во Битола и Македонија.
Ракометарот на „Пелистер” и репрезентативец Златко Димитровски го освои 4-то место на ранг-листата на најдобрите. И тој, како и Поповски, доживеа втора младост и е носител на играта на битолскиот супер-лигаш.
Весна Ацковска, ракометарка на ЖРК „Пелистер”, се најде на петтото место. Заедно со останатите клубски другарки е најзаслужна за успесите на женската екипа,,Пелистер” во изминатата полусезона и за освојувањето на есенската титула.
Атлетскиот клуб „Олимпија”, по неверојатно бурните и успешни години и „исфрлањето” од своите редови на врвни атлетичари, во последните години е во исклучително тешка финансиска криза, но сепак, продолжува да реди успеси. Во такви услови работи и постигнува резултати Денис Даутовски наследник на Стевче Ѓеорѓиевски.
Кошаркарката на „Пелистер”, Јасмина Кочовска, со својот професионален однос и пожртвуваност, е столб во екипата.
На осмо место се пласира стрелецот на „Пелистер”, Оливер Огненовски, кој не само што е најдобар стрелец на клубот, туку е и еден од најперспективните во Македонија.
Претпоследното место му припадна на Бранко Поповски, член на Аероклубот „М.Тодоровски”, којшто во последните години е еден од најдобрите едриличари во Македонија.
Кошаркарот на „Пелистер”, Горан Велјановски, се најде на десеттото место на најуспешните спортисти на Битола за 2001 г. Горан е меѓу најдобрите во својот тим.
Најуспешни надежи за 2001 г.
Владимир Шувариќ ( мотоциклизам)
Ѓорѓи Марковски (скијање)
Славчо Милошев (стрелаштво)
Како и повеќепати досега, посебно признание й беше доделено на Оливера Наковска за остварени високи резултати на спортските натпревари во конкуренција на инвалиди.
Признанија, исто така, им беа доделени и на педагозите:
Константин Нечев и
Лазе Георгиев, како и на заслужните спортски работници:
Блага Темелкова
д-р Миле Огненовски и
Љубомир Крстевски
Во екипен пласман за најуспешна беше прогласена екипата на ФК „Пелистер” која оствари голем успех откако го освои Купот на Македонија.
РК „Пелистер” го освои второто место, по пласманот во четвртфиналето на Челинџ-купот.
Трет беше Аероклубот „Мирко Тодоровски” којшто оваа година е прогласен за најуспешен клуб во Македонија. Имено, оваа година е значајна и по тоа што Аероклубот „Мирко Тодоровски” од страна на Воздухопловниот сојуз на Македонија беше прогласен за најуспешен аероклуб во 2001 г. Покрај другите, награди добија Бранко Поповски (едриличарство) и Никола Митревски ( радио- управувани модели). Наградите ги додели претседателот на ВСМ, д-р Никола Костурски.










