(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
2007 – ТРИУМФ НА БРАЧНА ДВОЈКА
За спортисти на Битола за 2007 година, на свеченоста одржана на 13 февруари 2008 г., беа прогласени брачната двојка Тони Бошевски и Гордана Цветковска – Бошевска кои пожнеаја успеси во новотрасираниот спорт кик-бокс. Најуспешна екипа беше ЖКК „Пелистер”. И оваа година, при изборот на најдобрите спортисти, беа воведени новини кои се покажаа и како практични и како потреба. Голема плаќета му беше Доделена на градоначалникот на Битола Владимир Талески за придонес во развојот на спортот во Битола.
Ha пригодната свеченост, што се одржа во ресторанот „Белведере” во организација на Сојузот на спортови и подршка на Општината – Битола, за прв пат во историјата на битолскиот спорт првото место на ранг-листата на десетте најдобри спортисти го подели брачната двојка Тони Бошевски и Гордана Цветковска Бошевска, членови на КК „Самурај” кои, навистина, остварија големи резултати во кик-боксот, освојувајќи го второто место на светското првенство во Италија. Ова беше дотогаш најголем успех што го оствариле битолски спортисти.
Веднаш зад нив беа билдерите Жарко Срдиќ и Сони Ванцевски кои на светското првенство во Грција се закитија со бронзени медали.
Ранг- листа на најдобрите спортисти на Битола за 2007:
- Тони Бошевски / Гордана Цветковска – Бошевска – кик-бокс
- Жарко Срдиќ – боди-билдинг
- Сони Ванцевски – боди-билдинг
- Александра Блажевска -кошарка
- Ѓорѓи Талевски -кошарка
- Миле Петковски – фудбал
- Енис Даутовски- атлетика
- Мирјана Мрѓа- кошарка
- Благојче Главевски фудбал
За најдобри спортски екипи беа прогласени:
- ЖКК „Пелистер”
- КК „Свислион-Пелистер”
- ФК „Пелистер”
Една од новините што почна да се практикува од оваа година беше прогласувањето на десет најдобри спортисти и во конкуренција на млади надежи и рангирањето на три најуспешни екипи во оваа конкуренција.
Ранг-листа на најуспешните млади спортисти:
- Менде Митревски – КК “Самурај”, којшто на светското првенство во Италија освои второ место.
- Иве Трифуновски -ФК „Пелистер”
- Иван Крстевски – КГС „Партизан”
- Лилјана Нечевска – СК РЕК „Битола”
- Марјан Нашоку – СК „Пелистер”
- Дарко Ристевски – ЏК „Пелистер
- Александра Павловска ЖКК „Пелистер”
- В. Апостоловски и А. Стојчева – ТСК „Степ”
- Владимир Жоглев – КК „Студент”
- Елена Костова -ПСД „Пелистер”
За најуспешни екипи во младинска конкуренција беа прогласени:
1.ФК „Пелистер”
2.КГС „Партизан”
3.СК РЕК „Битола”
За најдобри странски спортисти кои настапуваат за битолски екипи беа прогласени:
Милан Миљковиќ од КК „Свислион-Пелистер”
и Мач. Џуниор ФК „Пелистер”
Новина беше и прогласувањето на најдобар битолски судија. Оваа година признанието отиде во рацете на Петар Михајловски.
За најдобар тренер во оваа година беше прогласена Весна Огненовска од КГС „Партизан”.
На традиционалната манифестација Избор на десетте најдобри спортисти, што со години ја организира Сојузот на спортови Битола, посебни признанија им беа доделени на Вергита Сули, за резултатите постигнати на спортските терени во конкуренција на инвалиди, И на професорите по физичко воспитување Душко Костовски и Владимир Трифуновски, за придонес за развојот на спортот во своите средини. Признанија им беа доделени и на д-р Димитар Секуловски ракометен и кошаркашки ветеран, за особени заслуги за развојот на кошарката во Битола и на КК „Свислион -Пелистер” за напорите за враќање на кошарката во Битола на тронот на популарните спортови во градот.
За спортски работник за 2007 година беше прогласен Ѓуро Илиќ, за големиот придонес за инсталирањето и развојот на боречките вештини во Битола во изминатите четириесетина години. Илиќ беше прв спортски работник од Македонија кој стана член на Европската куќа на славните во боречките вештини.








