Втора година по ред Пелистер е елиминиран во осминафиналето на Купот на Македонија и пак од второлигаш. Лани по пенали го заврши натпреварувањето за сметка на Детонит Плачковица, а сега загуби со 1-0 од Шкендија Арачиново.
Милан Стојановски ја презеде одговорноста и по натпреварот во Синѓелиќ им се извини на навивачите на Пелистер.
,,Очекував многу повеќе од оваа утакмица, бидејќи добро ја одигравме контролката против Динамо — иако беше пријателска, очекував победа. Сето она што го прикажаа момците во изминатите десет дена на тренинг, ми даваше надеж за позитивен резултат денес. Меѓутоа, денес противникот беше борбена второлигашка екипа, а ние не одговоривме ниту со агресија, ниту со карактер. Игравме многу бавно и безидејно.
Како тренер, им се извинувам на нашите навивачи за овој тежок пораз. Се надевам дека ова ќе биде една поука и поттик за сите нас, и дека ќе се насочиме кон првенството, кое е наш приоритет. Верувам дека ќе следуваат многу подобри партии“, вели Стојановски.
Следниот голем тест за новиот Пелистер е првенствениот натпревар против Силекс во Кратово, в недела од 13:30 часот.





