Пелистерци против Ангели ќе „билдаат“ форма и самодоверба за Цедевита јуниор

Разочарување владее во таборот на Пелистер по поразот од Керавнос во третото коло од ФИБА Европа купот. Битолчани се надеваа на прва европска гостинска победа во клупската историја, но како кобна за нив во Никозија се покажа слабата прва четвртина во која беа примени дури 39 поени.

„Поразот на тој меч се должи на првата четвртина, на нашата игра во одбрана и пристапот. Недозволиво е да примите речиси 40 поени во една четвртина, особено во едно меѓународно натпреварување во кое нема слаби противници. Покажавме карактер, се приближивме неколку пати на седум-осум поени разлика, но за жал не успеавме да влеземе во неизвесна завршница“, истакнува Лука Стојановски, еден од македонските репрезентативци во таборот на КК Пелистер.

Пеколниот распоред на „пелистерци“ продолжува со викенд-гостувањето во Скопје против КК Ангели.

„Тоа е меч на кој се очекува рутинска победа од наша страна. Сепак, јасно ни е дека не смее да има никакво опуштање и мораме да ги користиме ваквите средби за кревање на формата и колективната игра“, вели Стојановски.

Мечот со Ангели воедно ќе претставува и увертира за новиот европски предизвик, домашниот дуел против екипата на Цедевита јуниор закажан за среда во Битола. Хрватскиот тим славеше убедливо на првиот дуел во Загреб, што е само мотив плус за пелистерци да се реваншираат во својата сала „Боро Чурлевски“ во Битола.

„Јас секогаш ќе верувам дека можеме да победиме против секој ривал, особено кога играме на домашен терен пред нашите верни навивачи. Можеме да се носиме со Цедевита јуниор и да стигнеме и до позитивен резултат, но за тоа да се случи ќе мораме да одиграме исклучително квалитетна одбрана. Ако успееме да го запреме овој тим на најмногу 70-75 постигнати поени, ќе направиме голем чекор на патот до победата“, порачува Лука Стојановски.

Дуелот Ангели – Пелистер се игра в недела од 14:30 часот.