Казнети судиите на кошаркарското дерби меѓу Пелистер и МЗТ Скопје

По поразот од МЗТ Скопје во претходното коло на домашен терен, кошаркарскиот клуб Пелистер официјално поднесе жалба до Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), реагирајќи на начинот на кој судиите ги донесеа одлуките во најчувствителните моменти од натпреварот.

Битолскиот клуб тврдеше дека неколку пресуди директно влијаеле на текот на играта, особено ситуациите во кои беа досудени две исклучувања, едно за првиот тренер и едно за официјално лице на тимот. По разгледување на доставената документација и видео-материјалот, КФМ ја прифати жалбата делумно и утврди низа пропусти во постапувањето на службените лица. Како резултат на тоа, федерацијата изрече суспензии и финансиски казни.

Делегатот на натпреварот, Данески, е суспендиран на четири натпревари поради утврдени неправилности во водењето на натпреварот и недоволно реагирање во критични ситуации. Судиите Ѓорески, Михајловиќ и Огненов добија суспензија од по два натпревари, откако Комесаријатот за судење констатираше грешки во нивните клучни одлуки што влијаеле врз натпреварот.

Пелистер, пак, доби финансиска санкција во висина од околу 120.000 денари. Најголемиот дел од износот се однесува на прекршоци направени од претставници на клубот, додека остатокот е доделен за технички грешки евидентирани во текот на натпреварот.