Леа Бошевска неоправдано изоставена од македонскиот тим на СП во кик-бокс

Кик-бокс клубот Самурај од Битола испрати соопштение до јавноста, во кое реагира на одлуката на Кик-бокс маитаи федерацијата на Македонија (КМФМ) и на изборот на македонскиот селектор Дејан Митровски, на претстојното Светско првенство во Абу Даби, Македонија да настапи само со машки тим, без ниедна претставничка во женска конкуренција.

Од битолскиот тим потенцираат дека во Македонија има кикбоксерки кои имаат резултати за настап на Светско првенство и дека ваквата одлука на селекторот претставува дискриминација на жените во кик-боксот.

„Од 14 до 16 ноември, во Словенија, се одржа 39. Европски Куп „Словенија Опен“, на кој учествуваа 8 земји со 95 клубови, со над 500 натпреварувачи со 711 влезови. Единствен претставник од нашата држава беше кик-боксерката Леа Бошевска, од КБК Самурај од Битола.

Леа настапи во две дисциплини, и тоа во лајт-контакт, каде освои сребрен медал, а веднаш потоа во дисциплината кик-лајт до 50 килограми во сениорска конкуренција, во која освои злато со два извонредни настапи во кои прво ја победи противничката од Словенија, за во финале да ја совлада и натпреварувачката од Унгарија. Леа имаше вкупно три борби, во кои убедливо доминираше, со што ја подигна целата публика во преполната спортска сала, при што освои златен медал и пехар за Македонија.

Тренерите на КБК Самурај, презадоволни од подготвеноста и натпреварувачката форма на Леа, истакнуваат дека тука нема застанување, бидејќи следува настапот на Балкански Куп во Ниш од 12 до 14 декември, каде КБК Самурај ќе настапи со поголем број на натпреварувачи. Со оглед на горенаведеното, јасно е дека Леа Бошевска е една од најдобрите кик-боксерки во Македонија во сениорска конкуренција, меѓутоа селекторот Дејан Митровски-Урко, кој воедно е и претседател на Кик-бокс маитаи федерацијата на Македонија, одлучи на Светското првенство, кое ќе се одржи од 21 до 30 ноември во Абу Даби, да отпатува со осум кик-боксери, без ниту една кик-боксерка, со што направи целосна дискриминација на жените во кик-боксот.

Само за напомена, секоја година Кик-бокс маитаи федерацијата на Македонија добива финансиска помош за развој на женскиот спорт, поточно за поддршка на жени во кик-боксот. Поради кои причини, селекторот, кој воедно е и претседател на КМФМ, се одлучи на ваков чекор, дискриминирајќи ја целата женска популација во спортот, посебно во кик-боксот, останува тој јавно да се произнесе“, се вели во соопштението.

Од КБК Самурај потенцираат дека целата македонска јавност, како и сите организации кои се бават со развој на женскиот спорт, заслужуваат одговор за овој потег.