Во „Пионерски Book Bar“ во Битола во организација на шаховскиот клуб Стево Патако од Битола се одржа Новогодишниот брзопотезен шаховски турнир, кој имаше награден фонд од 20.000 денари. На турнирот беа пријавени 41 шахист од повеќе шаховски клубови од Македонија, за кои организаторот се одлучи да не плаќаат котизација, а наградниот фонд го обезбеди шаховскиот турнир Стево Патако од Битола.
Победник на Новогодишниот брзопотезен шаховски турнир е Фиде мајсторот Јане Богоевски од Битола со максимален број на 9 поени според швајцарскиот систем. Второпласиран е Томе Тодоровски од Битола со 8,5 поени, а третопласиран заврши Дејан Ѓоргиески од Прилеп со 8,5 поени.
Претседателот на шаховскиот клуб Стево Патако, Сашко Павловски, за шаховски турнир рече:
„Посебно ме радува што овој турнир, се одржува тука во „Пиоенерскиот дом“, посебно кај повозрасните членови на шаховскиот клуб Стево Патако од Битола ни побуди многу емоции и носталгија. Се вративме во старите простории, каде се запишувавме, учевме и игравме шах. Му се заблагодарувам на Николче Велјановски сопственикот на „Пионерски Book Bar“ за гостопримството и наградите, а секако и на Тони Кировски од Прилеп за помошта во организација на турнирот“.
Највозрасен шахист на Новогодишниот брзопотезен шаховски турнир беше Александар Лајмановски од Битола, кој има 86 години, а освои пет поени. За тројцата првопласирани шахисти домаќините, „Пионерски Book Bar“, обезбедија и ваучери.





