Стојановски: Целта е јасна – сакаме секогаш да играме убав фудбал и да обезбедиме опстанок!

Тренерот Милан Стојановски, го најави натпреварот на битолски Пелистер против Работнички во Првата македонска лига, каде „зелено-белите“ ќе бараат нови бодови и добар резултат на отворањето на пролетната полусезона.

Српскиот стратег воедно изрази задоволство и од подготовките во Анталија, за кои рече дека биле од голема корист за целата екипа.

„Одработивме одлични подготовки во Анталија. Одигравме четири контролни мечеви со многу силни ривали, но моите играчи го дадоа својот максимум и немам ништо да им замерам. Малку имавме проблеми со дождот, но работевме на добри терени и во одлични услови.

Новите играчи одлично се вклопија со постарите фудбалери, создадовме одлична атмосфера, како на тренинзите, така и во хотелот каде што престојувавме. Мислам дека сме подготвени за мечот со Работнички, иако знаеме дека дуелот нема да биде лесен.

Скопскиот тим одлично се засили во текот на преодниот рок и мислам дека ќе покаже сосема друго лице во споредба со есенскиот дел од сезоната. Играме на домашен терен и секогаш сакаме да освојуваме бодови пред нашата публика.

Ги повикувам сите навивачи да дојдат на стадионот и заедно да се радуваме на нова победа. Целта е јасна – сакаме секогаш да играме убав фудбал и да обезбедиме опстанок во Првата македонска лига“, изјави Стојановски.

Пелистер го пречекува Работнички во рамките на дванаесетти февруари. Натпреварот ќе започне во 14:00 часот.