Фудбалската Федерација на Македонија во соработка со ФИФА започнува со имплементација на проектот Женска фудбалска кампања. ФФМ одлучи првиот од десетте вакви настани да го организира во општина Битола.
Настанот се организираше на т.н. Кумурното игралиште, а на него учествуваат 50-тина девојчиња на возраст од 8 до 10 години, од основните училишта во рамки на општината, како и од женските фудбалски клубови од општина Битола.
Сите девојчиња учесници добија маица, шорцеви и капче брендирани со проектот, во рамки на препораките добиени од страна на ФИФА. Амбасадор на настанот е македонската фудбалска репрезентативка Меланија Грозданова, а настанот беше посетен и од целата женска А фудбалска репрезентација на Македонија која пред официјалниот тренинг ги поздрави девојчињата учесници.
На настанот беше присутен и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски кој имаше поздравен говор, заблагодарувајќи му се на претседателот на ФФМ Масар Омерагиќ за соработката со Општина Битола и поддршката за спортот.
„Посебно лично мене, но и како Општина Битола ми е чест што женската фудбалска кампања почнува од градот под Пелистер. Одлична е нашата соработка со Фудбалската федерација на Македонија со која заедно вложуваме во фудбалот. Ова е уште една потврда на заложбата на општина Битола и ФФМ за омасовување на женскиот фудбал и следење на светските трендови. Денешниот настан е увертира во квалификациите на женската фудбалска репрезентација за светското првенство кои ќе се играат во Битола со Андора“ истакна Коњановски.
Ова е уште една потврда на заложбата на општина Битола и ФФМ за омасовување на женскиот фудбал и следење на светските трендови.





