Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 се елиминирани од Купот на Македонија.
По триумфот над Мулти Есенс, ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 загубија од Вардар 1961 со 27-22. Тренерот на скопјани, Иван Чупиќ пред важниот дуел со Мелсунген од Лигата на Европа, комбинираше со ростерот и ја распредели минутажата кај сите рамномерно.
По петнаесетина минути, Вардар поведе со 9-5, и мислеа домаќините дека ќе биде рутински до крај, но не беше така. Битолчани намалија на гол негатива, а на паузата беше 14-12.
При 18-17, Марио Танкоски не беше прецизен, но и Бен Махфуд не успеа да реализира па приликата за реми отиде во неврат. Еспиња потоа фати уште два шута на момците на Зарков и Вардар полека почна да се одлепува, откако казнија Пинто и Митровиќ за 24-19, па немаше дилеми околу победникот.
Најдобри стрелци кај победникот беа Митровиќ со шест гола, како и Анастасовски и Лазаревски со по три погодоци, додека голманите Еспиња и Гогов комбинираа 13 одбрани. Кај Еурофарм Пелистер 2 се истакна Славков со девет гола.





