Со шест бода и седмо место во групата, Еурофарм Пелистер го заврши својот европски пат. Веќе е позната и индивидуалната статистика на сите ракометари на македонскиот шампион.
Ракометарите на Еурофарм Пелистер го завршија настапот во групната фаза на Лигата на шампионите. Македонскиот првак со шест бода од двете победи и двете ремија завршија како претпоследни во групата Б од натпреварувањето и не успеаја да се изборат за плеј-оф, иако не беа далеку.
По комплетирањето на групната фаза може да се потцртаат неколку статистички параметри. Најефикасни ракометари на пелистерци во групите беа Дејан Манасков со 68 (вкупно 15. стрелец на ЛШ) и Филип Кузмановски со 66 (на делба на 19. место меѓу стрелците). Искусната македонска двојка беше и меѓу најдобрите пеналџии. Манасков реализира 30 гола од седум метри од 40 обиди, додека Филип Кузмановски беше меѓу најпрецизните со 17 гола од 19 изведени седмерци.
Интересно е дека Еурофарм Пелистер го има и најказнуваниот играч во групната фаза, а тоа е Ник Хенигман со вкупно 16 казни.
По 14 одиграни натпревари битолскиот колектив сепак беше најнеефикасниот тим во групите. Еурофарм Пелистер постигна вкупно 368 гола, што е за седум помалку од Загреб, а дури 17 помалку од Динамо Букурешт.





